Соработка со бизнис секторот

Поврзаноста на Економскиот факултет – Прилеп со стопанските сујбекти, низ различни форми, е присутна во целокупниот негов развој. Имајќи ги предвид целите за проширување и интензивирање на соработката со бизнис заедницата, Факултетот континуирано реализира низа активности и иницијативи за создавање широка платформа на долгорочни партнерства со деловните субјекти, бизнис асоцијациите, како и приватните и јавните институции и организации. Во тој контекст, соработката може да се согледа на повеќе нивоа:

  • Потпишување меморандуми за заедничка соработка. Во овие меморандуми се прецизирани активностите за соработка, размена на знаења и заеднички активности во различни научни и едукативни области. Во таа смисла, договорните страни ќе користат знаењата и искуствата во решавањето на научните проблеми од заемен интерес; ќе разменуваат кадар и студенти со цел размена на знаења и искуства; изготвување заеднички проекти во областите што се од заеднички интерес; одржување консултативни состаноци и размена на мислења во однос на студиските прорами, оценувањето и слично.
  • Назначување истакнати стручњаци од практиката за изведување клиничка настава од следниве области: менаџмент, маркетинг, бизнис, претприемништво, економска статистика, финансии и слично. Станува збор за истакнати експерти со долгогодишно искуство во своите области кои, преку клиничката настава, на студентите им пренесуваат дел од своите богати искуства.
  • Практична настава на студентите, исто така претставува една од формите на соработка и истата се реализира во преку 300 приватни и јавни претпријатија со коишто Факултетот има потпишано договори за соработка.
  • Организирање обуки за потребите на компаниите. Преку Центарот за перманентно професионално усовршување, Факултетот организира кратки курсеви, семинари и програми наменети за едукација и стручно усовршување на поединци, претставници од бизнис секторот и други институции и организации.