ПРОТОКОЛ ЗА УТВРДУВАЊЕ И ПОСТАПУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ И ПРИВАТНИТЕ ВИСОКООБРАЗОВНИ УСТАНОВИ, ОДНОСНО ЕДИНИЦИТЕ ВО СОСТАВ ПРИ ИЗВЕДУВАЊЕ НА ИСПИТИТЕ

ПРОТОКОЛ ЗА ОДБРАНА НА ДИПЛОМСКИ РАБОТИ, МАГИСТЕРСКИ И ДОКТОРСКИ ТРУДОВИ

Почитувани студенти,

Врз основа на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба (Службен весник на РСМ бр.134/2020) и Одлуката од Наставно-научниот совет на Економски факултет– Прилеп, донесена на седницата одржана на 29.05.2020 година, Ве информираме дека:

„Се овозможува одбрана на дипломски работи и магистерски и докторски трудови со физичко присуство на студентите.

Се задолжуваат студентите, Комисиите и сите присутни лица да ги почитуваат мерките за задолжително физичко растојание од 2 метри, така што ќе седат на обележаните места во амфитеатарот/просторијата за одбрана. За времетрањето на одбраната присутните лица должни се да носат заштитни маски и ракавици.

На влезот на просторијата ќе бидат поставени средства за дезинфекција на раце и корпи за отпадоци со капак.

Просториите почесто да се проветруваат, по можност за време на одбраната и задолжително во текот на паузите.

По завршувањето на одбраната просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100)  или 70% алкохол за дезинфекција за горни површини.

При спроведувањето одбраните задолжително да се почитуваат важечките мерки и протоколи за спречување на внесување и ширење на коронавирусот Covid-19, донесени од Владата на Република Северна Македонија и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.“

Економски факултет-Прилеп

ПРОТОКОЛ ЗА ПОЛАГАЊЕ КОЛОКВИУМИ И ИСПИТИ НА ПРВ, ВТОР И ТРЕТ ЦИКЛУС НА СТУДИИ

Почитувани студенти,

Врз основа на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба (Службен весник на РСМ бр.134/2020) и Одлуката од Наставно-научниот совет на Економски факултет– Прилеп, донесена на седницата одржана на 29.05.2020 година, Ве информираме дека:

„Полагањето на испитите на прв, втор и трет циклус на студии и колоквиумите на прв циклус на студии во јунската и септемвриската испитна сесија во академската 2019/2020 година ќе се одвиваат со физичко присуство на студентите, а според Распоред определен од страна на Факултетот.

Се задолжуваат студентите при полагањето да ги почитуваат мерките за задолжително физичко растојание од 2 метри, така што ќе седат на обележаните места во амфитеатарот. На студентите нема да им се дозволи влез во факултетот доколку не носат заштитни маски и ракавици. За времетрањето на полагањата студентите должни се да носат заштитни маски и ракавици.

На студентите им се препорачува доколку имаат респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) да не присуствуваат на факултет.

Прозивањето на студентите ќе се врши на влезот од факултетот, така што сите студентите се должни да држат физичко растојание меѓу себе од 2 метри.

На влезот на секој амфитеатар ќе бидат поставени средства за дезинфекција на раце и корпи за отпадоци со капак.

Просториите почесто да се проветруваат, по можност за време на полагањето и задолжително во текот на паузите.

За време на паузите се забранува групирање на присутните.

Се задолжуваат студентите и сите непосредно вклучени во процесот на завршно оценување да ги почитуваат општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце или употреба на дезинфекционо средство за раце на база на алкохол).

При спроведувањето на испитите и колоквиумите задолжително да се почитуваат важечките мерки и протоколи за спречување на внесување и ширење на коронавирусот Covid-19, донесени од Владата на Република Северна Македонија и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.“

Економски факултет-Прилеп

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НОСЕЊЕ НА ЗАШТИТНА ОПРЕМА

Почитувани, 

Ве известуваме дека согласно Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот covid-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба (Сл.весник на Р.С.Македонија бр.107/20), влезот во зградата на Економскиот факултет- Прилеп ќе биде дозволен само со носење на заштитна опрема на лицето.

Вработените, студентите и сите останати посетители за време на целиот престој во згрaдата на Економскиот факултет-Прилеп задолжително треба да носат лична заштита на лицето.

Под лична заштита на лицето согласно Уредбата наведена во став 3 од член 1 на оваа одлука се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

Да ја почитуваме уредбата и заедно да го сочуваме нашето здравје и здравјето на другите.

Универзитет ,,Св. Климент Охридскиˮ – Битола

Економски факултет – Прилеп

ИЗВЕСТУВАЊЕ

На 25 април 2020 година Универзитетот „Св. Климент Охрдски“ – Битола, нашиот УКЛО,  одбележува 41 година од своето основање.

И за првпат во своето постоење, Универзитетот, оваа своја годишнина ја дочекува во една ситуација без преседан, со затворени врати, празни аули, амфитеатри, предавални…

И за првпат е принуден да се прилагоди кон новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата со вирусот Covid-19 којашто радикално ги преобрази начините на нашето функционирање, работење, настава, учење.

Образованието е бит на секоја земја, секоја нација и тоа е и единственото оружје за соочување  со проблемите и тешкотиите. Овој глобален проблем има амбивалентно дејство врз образованието: истовремено го сруши традиционалниот систем на образование, но и покажа дека никогаш повеќе образованието нема да биде ограничувано со „физички“ зидови.

Соочен со овој предизвик, а особено со комплексноста на проблемите и прашањата кои имаат непосредно влијание врз функционирањето, УКЛО  се организира на најдобар можен начин за да може во континуитет да ја реализира својата есенцијална мисија, а особено да обезбедува квалитетна едукација.

Користејќи ги бенефитите на современата технологија, моќните платформи на  опцијата електронско учење  и,  во соработка со единиците во својот состав,   но и со проактивно вклучување  на целокупниот наставно-научен кадар, а секако и со активна импликација на студентите, демонстрирајќи притоа слух за нивните  иницијативи, УКЛО презеде сет од  активности во рамките на своите компетенции со цел  да бидат понудени одржливи и квалитетни решенија.

Што е само уште една потврда дека Универзитетот перманентно го гради и надоградува својот профил на најзначајна академска установа во Регионот. Современ, флексибилен, мобилен и проактивен универзитет што нуди квалитетно високо образование втемелено врз современи наставно-научни достигнувања и методологии за пренос на знаења и апликативни компетенции на студентите. Во праксата тоа значи посветеност и вложувањe во реализацијата на образовната и научна мисија, но и во квалитетот, автономијата, академската слобода и отвореност кон општествената заедница, кон Регионот, Европа и светот. Тоа значи и потпирање, одговорност и доследно следење на четиридецениската  традиција во којашто се вградуваат искуството, трудот, енергијата и ентузијазмот на претходни, сегашни и идни генерации.

Поаѓајќи од темелните поставки на својата авономија, паралелно следејќи ги современите текови, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со својата лидерска регионална позиција најодговорно го реализира сопственото функционирање во сите сегменти, со посебен фокус кон ефикасното раководење, координирање, обезбедувањето квалитет, унапредувањето на административните сервиси и информациските и комуникациски технологии, кои им се на располагање на сите факултети.  Притоа настојува да  ги одржи и зајакне науката, истражувањето, но и трансферот на знаење и технологии кон опкружувањето, пошироката општествена заедница.

Со своите 12 членки УКЛО претставува интелектуална база за развој и воспоставување партнерски односи со значајни стопански субјекти и локални самоуправи во Регионот на своето делување. Секако, тука е и мошне значајната компонента како што е меѓународната соработка – со одржувње на  постоечката и градење нови мостови на соработка со универзитетите, се јакне мрежата чијашто примарна цел е да се овозможи мобилност на студентите и кадрите, но и трансфер на знаења, вештини и современи технологии.

Функционирајќи и во вакви, вонредни околности, сепак сме горди што оваа година ја одбележуваме 41-годишнината од основањето, што само по себе не е мала бројка и секако е голем успех, посебно во нашето турбулентно опкружување во коешто негувајќи ја традицијата, но со свртеност кон  современите текови – трендови и тенденции, успеваме да овозможиме континуитет во нашето делување.

До сите студенти, до сите наставно-научни кадри, до сите вработени на Универзитетот

Во суштината на секоја успешност значајно место припаѓа и на феноменот на припадност. Да се припаѓа на еден Универзитет, на еден специфичен академски систем на вредности, тоа значи да се споделуваат сите аспекти на   значењето, рејтингот, позиционираноста, влијанието и угледот.

Таа филозофија е вткаена во мисијата на секој успешен универзитет што сесрдно се труди на своите студенти пред сė да им го развие  тоа чувство што се темели на реалните достигнувања и угледот на сопствениот универзитет.

И, во контекстот на таа припадност посакуваме да се гордеете со нас како што ние се гордееме со вас, да ги зацврстуваме традицијата и вредностите на нашиот Универзитет затоа што во професионалната кариера на сите нас – академски и други кадри, но и бројни генерации на студенти,  тоа е и ќе остане нераскинлив дел од нашите животи.

СО БЛАГОДАРНОСТ  за поддршката, приврзаноста и енергијата со  која заедно во овој специфичен момент од нашето постоење  ги пребродуваме тешкотиите,  ги совладуваме препреките, ги надминуваме проблемите…

СО НАДЕЖ дека ќе ги споделуваме и победите, успесите, постигнатите резултати  и на тој начин ќе ги потврдуваме високите вредности на знаењето и вештините што ни ги пружа н Универзитетот….

СО ВЕРБА  да  продолжиме по патот во којшто најдобриот дел од себе го вградувале најдобрите. Овој пат не е лесен, но е единствениот можен, тоа е таа значајна спона  помеѓу она што претходело и она што допрва ќе доаѓа…

И, како што остатокот од историјата на Универзитетот ќе ја испишуваат генерациите кои доаѓаат и таа спона, тој континуитет ќе испишува сигурна иднина.

И со искрена надеж дека ќе бидеме дораснати на таквата одговорност.

Вашиот Универзитет, Вашата Алма Матер

Универзитет „Св. Климент Охридски„ – Битола