Во периодот од 20 – 24 мај, на Економскиот факултет во Прилеп престојуваше проф. д-р Жељко Стевиќ од Универзитетот во Источно Сараево, Сообраќаен факултет во Добој, Република Српска, во рамките на програмата CEEPUS, мрежата Interdisciplinary approach for enhancing knowledge in supply chain analytics (SCAN) во која што Економскиот факултет од Прилеп активно учествува од 2019 година.
Професорот Стевиќ има постигнато исклучително забележителни резултати во светската академска заедница, а доказ за тоа е фактот што во последните три години е рангиран во првите 2% од светските научници според извештајот на Универзитетот Стенфорд. Тој има дадено голем научен придонес во областа на повеќекритериумското одлучување со креирање нови методи кои активно ги применува во различни области, најчесто во логистиката, транспортот, синџирите на снабдување итн.
На ден 21.05.2024 год., професорот оствари работна средба со деканката, проф. д-р Драгица Оџаклиеска, продеканката за меѓународна соработка и CEEPUS координатор, проф. д-р Татјана Спасеска и проф. д-р Илија Христоски.
Со планот за студиската посета беа дефинирани и реализирани две тематски целини, и тоа: (1) „Предности и недостатоци на достапните методи за одлучување во различни фази на синџирот на снабдување“ и (2) „Интеграција на SWOT и MCDM методите за дефинирање на транспортни стратегии“. Двете теми се однесуваат на комплексните процеси на одлучување во синџирот на снабдување и во транспортниот сектор, генерално.
Првата презентација понуди преглед на различни техники за повеќекритериумско одлучување и можност за нивна имплементација во различни делови од синџирот на снабдување, при што беа презентирани конкретни практични примери во аналитиката на синџирот на снабдување.
Втората презентација се однесуваше на интеграцијата на SWOT анализата и MCDM моделите применети во меѓународна транспортна компанија со цел да се дијагностицира моменталната состојба, да се дефинираат идните деловни стратегии, да се евалуираат и да се избере оптималната стратегија.
Преку оваа мобилност во рамките на CEEPUS програмата повторно се потврди непроценливата вредност на оваа програма, како за студентите, така и за академскиот кадар на високообразовните институции.