Би сакал да се вратам кога за прв пат научив за размената на студенти во Март. Мојата цел тогаш беше само да аплицирам незаинтересирано, без разлика дали ќе бидам избран или не.
Неколку месеци подоцна, го поминувам најубавото време во градот во кој никогаш не сум помислил дека ќе отпатувам. Дубровник. Веќе сум во градот скоро месец и пол, па би сакал да ги споделам моите први импресии после еден месец.
Започнувајќи од сместувањето, престојувам во Студентскиот дом којшто е еден од најснабдените и најсовремени студентски домови во Европа. Нудејќи прекрасна услуга и имајќи пријатни вработени, дефинитивно оставаат позитивно мислење на секого.
Факултетот. Предавањата се одвиваат на Англиски јазик имајќи во предвид дека ние, студентите доаѓаме од 13 различни држави. Професорите се доста пријатни и секогаш се отворени за било какви дискусии и соработки.
Сега ќе се префрлам на позабавните делови од проектот, дружбите, патувањата, излегувањето. Пред сѐ би сакал да започнам со дружбата. Како страмежлива личност, доста брзо ми требаше за да се уходам и да воспоставам комуникација со колегите. Сите се комуникативни, секогаш расположени и спремни да направат шега, како и да примат.
Патувањата се доста интересни. ESN членовите се толку посветени и заангажирани за да го направат нашиот престој незаборавен и максимално опуштен. Најпрво, ни ангажираа вечера каде што се запознавме со сите членови, ни закажаа патување околу Елефити островите, кои засега, ми се втор омилен дел од целиот град, како и прошетка низ Стариот Град во придужба со туристички водич. Имаше уште едно патување во Стон каде што пробавме разновидна морска храна. Ни направија мал турнир наречен Еразмус олимписки игри каде имаше доста забава и квалитетно поминато време.
Време е за ноќни клубови. Да, темата која сите ја чекавте. Обично, музиката е странска (Англиска, латино) но сепак има и Балканска. Клубовите каки Ревелин и Лазаерти се едни од подобрите, но јас повеќе влечам кон Лазарети. Во однос на цените во клубовите, тие се малце повисоки и не Ви препорачувам да трошите многу на тоа.
За последно, Стариот Град. Местото по кое Дубровник е познат. Како фан на познатата серија Игра на Тронови, нестрпливо чекав да го видам. Маѓичната енергија која ја содржи Стариот Град прави да никогаш не сакам да се вратам дома. Мислам дека колку повеќе одам, толку повеќе се поврзувам. Посетувањето на ѕидините, како и тврдината е доста поскапо него обично, како што и сѐ останато во Стариот Град. Предлагам да почекате да ги земете вашите стални Х картици за да можете да ги посетите ѕидините, како и музеите бесплатно, а тие што би иделе во летниот семестар, им препорачувам да се возат и со кајак. Температурите во есенските месеци се доста различни од тие во Македонија. Искрено, одевме на плажа и носевме кратки ракави сѐ до крајот на октомври, така да летото завршува два месеци покасно тука.
Мислам дека доволно е зборување од моја страна. Ќе споделам и неколку фотографии кои ги направив додека сум тука. Се надевам дека ова мое искуство ќе Ве инспирира и Вие да го посетите овој прекрасен град, Ви ветувам, нема да се каете доколку го одберете Дубровник!
Студент: Христијан Цоклески