Дека големите достигнувања не се случајност, туку се резултат на континуирана и самопрегорна работа и посветеност, многу вложен труд и време, но и на силна мотивираност и истрајност на патот кон успехот, докажува примерот на пет професори од Економскиот факултет во Прилеп, кои на најновото рангирање на AD Scientific Index (Alper-Doger Scientific Index) за 2022 година се најдоа на листата на 41 најдобро рангирани научници, во конкуренција на сите припадници на академскиот кадар од сите факултети при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Проф. д-р Оливера Костоска, редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа на 6. место на листата на најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во областа Економија и Економетрија таа е рангирана на 1. место во рамките на УКЛО – Битола (5. место во Република Северна Македонија), а во областа Меѓународна трговија таа се наоѓа на 1. место, како во рамките на УКЛО – Битола, така и во Република Северна Македонија. Истражувањата на Проф. Костоска се насочени во доменот на меѓународната трговија и инвестициите, продуктивноста, иновациите и Европските интеграции.

Проф. д-р Илија Христоски, вонреден професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа на 14. место на листата на најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во областа Економија и Економетрија тој е рангиран на 2. место во рамките на УКЛО – Битола (10. место во Република Северна Македонија), а во областа Економија се наоѓа на 1. место во рамките на УКЛО – Битола (8. место во Република Северна Македонија). Своите истражувања Проф. Христоски ги реализира, главно, во областите е-трговија, бази на податоци, информациски системи и мрежи (хардвер и софтвер), финансиска економетрија, моделирање и симулации, анализа на перформанси, Петри мрежи и системска динамика.

Проф. д-р Коста Сотироски, редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа 24. место на листата на најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во областа Економија и Економетрија тој е рангиран на 4. место во рамките на УКЛО – Битола (14. место во Република Северна Македонија), а во областа Економија се наоѓа на 3. место во рамките на УКЛО – Битола (10. место во Република Северна Македонија). Во фокусот на истражувањата на Проф. Сотироски се наоѓаат економската статистика, деловната информатика, менаџмент информациските системи, системите за поддршка на одлучувањето и економетријата.

Проф. д-р Димитар Николоски, редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа 26. место на листата на најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во областа Економија и Економетрија тој е рангиран на 5. место во рамките на УКЛО – Битола (15. место во Република Северна Македонија), а во областа Економија се наоѓа на 4. место во рамките на УКЛО – Битола (11. место во Република Северна Македонија). Проф. Николоски твори во областите економија на труд, економетрија, статистичко заклучување и економија.

Проф. д-р Каролина Илиеска, редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа 34. место на листата на најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во областите Бизнис и Менаџмент / Маркетинг таа е рангирана на 1. место во рамките на УКЛО – Битола. Во Република Северна Македонија, таа е рангирана на 14. место во областа Бизнис и Менаџмент, но и на 5. место во областа Маркетинг. Проф. Илиеска твори, главно, во областа на маркетингот.

AD Scientific Index (Alper-Doger Scientific Index), за разлика од другите глобални системи кои ги евалуираат списанијата и универзитетите во светот, претставува систем за анализа и рангирање заснован врз научните перформанси и додадената вредност на научната продуктивност на индивидуалните научници. Оттука, индексот е базиран врз принципот на вклучување исклучиво на заслужниот научен кадар. Дополнително, системот обезбедува рангирање на институциите врз основа на карактеристиките на универзитетскиот кадар кој се занимава со научноистражувачка работа.

Овој нов индекс врши рангирање преку користење на единствен параметар – број на „вреднувани и продуктивни научници“ кои се ангажирани на определен универзитет. Овој параметар е калкулиран врз основа на вкупните вредности на H-индексот и i10-индексот заедно со бројот на цитирања, како и вредностите на H-индексот и i10-индексот од последните 5 години, заедно со бројот на стекнати цитирања во последните 5 години. Всушност, AD Scientific Index претставува прва и единствена студија која ги прикажува вкупните и коефициентите на продуктивност на научниците за последните 5 години врз основа на резултатите од h-индексот и i10-индексот и цитирањата прикажани на Google Scholar.

Притоа, индексот прикажува рангирање на индивидуалните научници во различни подрачја и полиња (земјоделство и рибарство; уметност, дизајн и архитектура; бизнис и менаџмент; економија и економетрија; образование; инженерство и технологија; историја; филозофија; теологија; право и правни студии; медицински науки; природни науки; општествени науки и друго), 256 научни области, 19.000 институции, 216 земји, 10 региони (Африка, Азија, Европа, Северна Америка, Океанија, Арапската Лига, EECA, BRICS, Латинска Америка и COMESA) и, генерално, во светот. Покрај тоа што ги изведува функциите на индексирање и рангирање, овој индекс нуди можност за правење на ефикасна академска анализа, односно детално испитување и откривање на погрешни и неетички профили, плагијати, фалсификување, дисторзија, дуплирање, фабрикување, саламизација, и неколку манифестации на академски мобинг. Ваквите анализи се исклучително корисни за откривање на среднорочните и долгорочните резултати од политиките кои ги имплементираат институциите, вклучувајќи ги и оние за негување на научната работна средина, вработување и задржување на академскиот кадар, како и политиката на плати и соодветни стимулации.

Успехот на петте професори од Економскиот факултет во Прилеп е дотолку поголем и позначаен ако се има предвид дека тој не се однесува само на она што е постигнато, туку многу повеќе на инспирацијата што тој ќе ја поттикне, бидејќи она ќе бидеме утре потекнува од она што сме денес.