Д-р Оливера Костоска, редовен професор на Економскиот факултет – Прилеп, се наоѓа на листата на првите 10 најдобри научници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола објавена од страна на AD Scientific Index 2022. Уште повеќе, професорката Костоска, во согласност со прикажаното рангирање,  го зазема првото место во државата во областа на меѓународната трговија.

AD Scientific Index (Alper-Doger Scientific Index), за разлика од другите глобални системи кои ги евалуираат списанијата и универзитетите во светот, претставува систем за анализа и рангирање заснован врз научните перформанси и додадената вредност на научната продуктивност на индивидуалните научници. Оттука, индексот е базиран врз принципот на вклучување исклучиво на заслужниот научен кадар. Дополнително, системот обезбедува рангирање на институциите врз основа на карактеристиките на универзитетскиот кадар кој се занимава со научноистражувачка работа.

Овој нов индекс врши рангирање преку користење на единствен параметар – број на „вреднувани и продуктивни научници“ кои се ангажирани на определен универзитет. Овој параметар е калкулиран врз основа на вкупните вредности на H-индексот и i10-индексот заедно со бројот на цитирања, како и вредностите на H-индексот и i10-индексот од последните 5 години, заедно со бројот на стекнати цитирања во последните 5 години. Всушност, AD Scientific Index претставува прва и единствена студија која ги прикажува вкупните и коефициентите на продуктивност на научниците за последните 5 години врз основа на резултатите од h-индексот и i10-индексот и цитирањата прикажани на Google Scholar.

Притоа, индексот прикажува рангирање на индивидуалните научници во различни подрачја и полиња (земјоделство и рибарство; уметност, дизајн и архитектура; бизнис и менаџмент; економија и економетрија; образование; инженерство и технологија; историја; филозофија; теологија; право и правни студии; медицински науки; природни науки; општествени науки и друго), 256 научни области, 19 000 институции, 216 земји, 10 региони (Африка, Азија, Европа, Северна Америка, Океанија, Арапската Лига, EECA, BRICS, Латинска Америка и COMESA) и, генерално, во светот. Покрај тоа што ги изведува функциите на индексирање и рангирање, овој индекс нуди можност за правење на ефикасна академска анализа, односно детално испитување и откривање на погрешни и неетички профили, плагијати, фалсификување, дисторзија, дуплирање, фабрикување, саламизација, и неколку манифестации на академски мобинг. Ваквите анализи се исклучително корисни за откривање на среднорочните и долгорочните резултати од политиките кои ги имплементираат институциите, вклучувајќи ги и оние за негување на научната работна средина, вработување и задржување на академскиот кадар, како и политиката на плати и соодветни стимулации.