“Уште од мал имав афинитет кон истражувањата, патувањата, а од секогаш ме фасцинирале различните начини на перцепција. Стекнувањето на искуства и живеењето надвор од сопствената држава, а со самото тоа излегување од сопствената комфорна зона нуди огромни можности за надограба, како лична, така и професионална. Европа и далечниот исток се делови од светот кои досега најмногу ме фасцинирале и ми даваат мотив секогаш да се интересирам за нив.

Со самиот почеток на докторските студии на Економскиот факултет во Прилеп, имав желба да аплицирам за програмата, а тоа ми даде можности да уживам во она што навистина го сакам и ми причинува задоволство, а тоа е пасијата кон истражувањето и патувањата. Се одлучив за посета на Република Полска бидејќи изобилува со преубави градови, пријатни луѓе, а беше и држава во Европа која што досега ја немав посетено. Морам да бидам искрен и да кажам дека досегашното искуство ги надмина и моите очекувања од секој аспект. Градот Ополе, на реката Одра, лоциран на југот на Полска е помал студентски град со неколку универзитети од повеќе области.

Мојата посета е на Ополскиот Универзитет кој што е фокусиран на програми од областа на општествените и социјалните науки. Универзитетот покажа навистина одлична гостопримливост и организација на наставата.  Универзитетот нуди голем избор на предмети и неколку видови програми на додипломски, магистерски и докторски студии, како за домашни така и за странски студенти и сите програми се достапни на полски и англиски јазик.

Би сакал да изразам огромна благодарност до Економскиот факултет-Прилеп и Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола што ми го овозможија ова прекрасно искуство и ги охрабрувам сите студенти да се приклучат односно да аплицираат и реализираат мобилност во рамките на Еразмус + програмата.”

Давид Салтамарски, студент на трет циклус студии на Економски факултет-Прилеп