Програмата Еразмус+ има повеќекратни цели коишто воглавно се насочени кон остварување на Стратегијата Европа 2020 преку меѓународна соработка во образованието и обуките, одржлив развој на партнерските земји во полето на високото образование и промоција на европските вредности. Еразмус+ програмата се имплементира преку три

клучни акции, од кои клучната акција 1 е насочена кон индивидуалната мобилност со посебен акцент на мобилност на студентите и кадарот. Во тој контекст, Економскиот факултет – Прилеп, преку активностите за меѓународна соработка последниве неколку години, посветува големо внимание на мобилноста на студентите и кадарот преку програмата Еразмус+. Во овој број на „Еквилибриум“ ви ги пренесуваме „од прва рака“ искуствата од мобилноста на нашата студентка Елена Терпо.

Сигурно ви се случило да следите презентации, да прочитате во флаери или пак да се информирате директно од професорите и студентите за што се однесува програмата Еразмус+. И за момент замислувате како би било да студирате во некоја европска земја. Чувството е прекрасно, нели? Но, често пати стравот преовладува и сепак одлучувате да не се впуштате во непознато. Верувајте, познато ми е тоа чувство. Но, мојот совет е подобро да се радувате на работите што сте ги направиле, отколку да жалите за тоа што не сте го превзеле.

И покрај тоа што бев пред завршувањето на моите додипломски студии на Економски факултет-Прилеп, решив да аплицирам на програмата за мобилност Еразмус+. Мислев дека е крајно време да направам храбар чекор напуштајќи ја зоната на комфор и да истражувам подлабоко во светот на неизвесноста и непознатото. Списокот на универзитети каде што можев да реализирам мобилност беше мошне  долг, но сепак на крајот мојот избор беше Тракискиот универзитет во Стара Загора, Бугарија. Кога добив известување дека сум номинирана за мобилност во летниот семестар од учебната 2015/16 година, на мојата среќа ѝ немаше крај.

Во Стара Загора отпатував на 13 февруари, 2016 година. Патувањето со автобус траеше 13 часа и беше исполнето со нетрпение, возбуда, страв и болки во грбот. За целото тоа време бев водена од силната желба за промена на секое поле од животот, среќавање нова култура, нови места, нови луѓе… Бев цврсто уверена дека на тој начин преку едукација на друг странски универзитет инвестирам во мојата иднина. Кога конечно пристигнав, прво што забележав беше широката насмевка на професорката Блага Стојкова, која со нетрпение ме чекаше на автобуската станица. Нејзината гостопримливост и љубезност ми влеа надеж дека ова беше почеток на едно непроценливо искуство кое ќе ми остане во долго сеќавање.

Уште првиот ден имав можност да сретнам прекрасни личности кои во следните пет месеци станаа дел од моето секојдневно окружување. Тие беа извор на среќа, насмевки, забава, рамо за плачење, луѓе кои ќе претставуваат мои најдобри пријатели до крајот на мојот живот. Во Стара Загора бев сместена во т.н. „Студентски град“ во кој се живеат над 2000 лица, воглавно студенти. Таму, секојдневно имав можност да контактирам со мои колеги студенти не само од Бугарија, туку и други европски земји како што се: Англија, Португалија, Белгија и Турција. Студентите беа многу срдечни, дружељубиви и отворени за комуникација. И покрај разликите меѓу нас, сепак, тоа беше прекрасна можност да се искусат различни култури, обичаи, начин на размислување, па дури и да се пробаат вкусни специјалитети од разни држави во Европа.

Тракискиот универзитет е еден од највисоко рангираните универзитети во Бугарија и пошироко. Тој располага со најсовремени просторни и технички услови за студирање, а на него се изучуваат атрактивни дисциплини по најсовремени наставни методи. Во процесот на предавање се користи современа научна и стручна литература, постои голема интерактивност, многу дискусии и дебати меѓу студентите и професорите. Предавањата се задолжителни, како и кај нас, па затоа редовно ги посетував. Професорите и асистентите ми беа од голема помош и секогаш ми  излегуваа во пресрет кога ќе наидев на некоја потешкотија во учењето. Како единствен преставник од Економски факултет-Прилеп, чуствував голема одговорност да се прикажам себеси и мојата институција во најдобро светло. После бројни непроспиени ноќи и огромниот вложен труд, одличните резултати беа неизбежни.

Стара Загора е древен град со богата култура и традиција. Музеи, кафе барови, трговски центри, кино, театар… Сето ова е само мал дел од понудата на културно- забавен живот во овој град. Неделните прошетки покрај езерото Загорка, паркот Aзмо, лудите забави во „Паша“ и „Сикрет“, возбудливите натпревари на „Берое“ или пак исцрпувачкиот повеќечасовен шопинг во „Галерија“ се само неколку од многубројните спомени кои постојано ќе ме потсетуваат на возбудливите моменти поминати таму па, затоа го чувствувам како мојот втор дом.

Но, како што вели и старата изрека, сè што е убаво кратко трае, па така се наближи и крајот од мојот престој во Стара Загора. Но, од друга страна, крајот го краси делото, а како најубаво искуство за крај би го издвоила прославувањето на апсолвентската вечер. Тоа беше една извонредна можност за дружење во опуштена атмосфера меѓу студентите и професорите. Кај мене, а и кај останатите мои колеги преовладуваа измешани емоции на радост, возбуда, тага и едно ветување за наскоро видување.

Моето прекрасно искуство од мобилноста преку програмата Еразмус+ ме поттикна да не застанам тука. Имено, кога се вратив дома почнав да ги разгледувам можностите што ги нудат и другите програми за млади лица. Тоа произлегува од желбата за нова авантура која ќе ме однесе во некои нови, непознати краишта, што ветуваат убави доживувања неверојатни искуства. Па така, неодамна, аллицирав за ЕВС проектот организиран од Европската Унија кој треба да се одржи во Кипар во октомври, 2016 година. Постојат голем број причини зошто секој млад човек треба аплицира за програмата на мобилност: нов предизвик, квалитетно знаење, незаборавни екскурзии, фантастични забави и безброј спомени. Студирањето во странство преставува одлична можност да се запознае различна култура, навики и нова социјална средина, а Еразмус+ ми овозможи да го доживеам тоа.